Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, постави нов услов за Македонија на нејзиниот пат за конечен почеток на преговорите за членство во ЕУ. Овојпат, таа ја потенцира грижата за Македонците, кои имаат двојно државјанство-македонско и бугарско-наведувајќи дека во последните десет години 88.450 наши граѓани добиле бугарски државјанства и пасоши. Иако, според неофицијални проценки, вкупниот број македонски граѓани, кои имаат и бугарски пасоши надминува 100.000.
Но, „проблемите“ со бугарските пасоши не се ни нови, ни непознати, зашто токму тие беа предмет на афера во рамки на ЕУ, од која, пак, произлезе и внатрешниот бугарски скандал за продавање на државјанствата по цена од 1.500, па до 5.000 евра. Случајно или не, двете избувнаа пред точно две години, а да биде иронијата на судбината поголема, токму три личности од врвната бугарска политичка сцена се најдоа на удар на европската и бугарската јавност-Екатерина Захариева, како поранешна министерка за правда, Красимир Каракачанов, под чија „команда“ работеше Агенцијата за Бугарите во странство, и европратеникот Андреј Ковачев. Три имиња, кои сега се во првите редови во „борбата“ против Македонија, а патните исправи, пак, почнаа да се именуваат како „пасошите на Каракачанов“.
Целата афера беше резултат на европското скенирање на издавањето бугарски пасоши во напорите на Бугарија да влезе во Шенген зоната и притоа беше посочено дека во овој сегмент постои вистинска каша-попара, особено со податоците. Еуростат, на пример, објави дека во 2016 година, Бугарија им издала бугарски пасоши на само 142 граѓани од Македонија, додека во годишниот извештај, што го подготвува Кабинетот на Претседателот на државата, односно вицепретседателката, Илијана Јотова, според информациите објавени од бугарските медиуми, стоеше дека истата таа 2016 година, бугарско државјанство добиле вкупно 6.196 Македонци. Наредната, пак, 2017 година бројката изнесува 1.184 Македонци.
Во двата случаја разликата не беше само во бројките, туку и во поимите. Додека Еуростат користеше државјанства, што ги поистоветуваше со бугарски пасоши, во извештајот на бугарските институции се употребуваше само поимот државјанство, но не и бугарски пасоши. Под притисок на аферата, премиерот Бојко Борисов издаде налог до МВР и Државната агенција за национална безбедност за проверка на документите и издадените пасоши на над 70.000 македонски „новобугари“. Но, резултатите од истрага до ден денес останаа непознати за пошироката јавност.
Во внатребугарската политичка пресметка од тоа време, есента 2018 година, остана забележана изјавата на поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, а сега актуелен европратеник, Александар Јорданов. Тој во текст за порталот Фактор.бг, меѓу другото, напиша дека „алчни глувци го претворија бугарското држвјанство во стока за продавање„, што се случувало со години, а не од денес. Притоа, Јорданов даде и соодветна национална, политичка и економска димензија на целата афера, зашто меѓу другото забележа дека „кога се спроведуваат избори, во Република Македонија од тие „новобугари„ не гласале дури ни 1.000 души, т.е. под 1%“.
-На бугарскиот пасош македонските „новобугари„ гледаат како на безвизна пропусница за други држави во Европската унија. За нив, тој е „бизнис зделка„, прагматична можност, екомија, а не национално самоосвестување. Тој нема ништо заедничко со патриотизмот и родољубието, пишуваше Јорданов.
Значи, ова меѓу другото го пишуваше поранешниот амбасадор во Скопје. Меѓутоа, политичкото манифестирање на поседувањето бугарско државјанство и пасоши никако не доаѓа до израз ни во Македонија. Зашто, ниту на праламентарни, ниту на локални избори оваа бројка од 100.000 лица не се идентификува со соодветен политички резултат и кај старите и кај новите политички субјекти, односно партии, кои отворено застануваат на (про)бугарски национални позиции, што не е и не може да биде спорно.
Но, пројавената „грижа“ на Захариева за македонските граѓани, кои имаат бугарски државјанства и пасоши, случајно или не, коинцидира со настојувањето на официјална Софија, Република Македонија по третпат да се откаже од грижата за македонското малцинство во Бугарија. Според официјалните податоци од последните пописи во Бугарија, забележливо е опаѓањето на бројот на граѓани, кои се изјасниле како Македонци, и нивниот број во 2001 година изнесдувал околу 1.500 лица.
Оттука, и клучното прашање дали стравувањето на Софија за постоењето македонско малцинство во Бугарија произлегува од фактичката состојба или од „пасошите на Каракачанов“?! Зашто, никако не може да се исклучи можноста, па било тоа да е сега и хипотетички, еден ден тие 100.000 македонски граѓани, или барем најмалку половината од нив, да побараат да го изразат и своето македонско чувство! А, како граѓани на земја-членка на ЕУ на тоа ќе имаат апсолутно право, без оглед каде ќе живеат. Или, со други зборови, моментно официјална Софија може да мафта колку сака со бројките, но непобитен факт е дека „пасошите на Каракачанов“ претставуваат меч со две острици.
Што пишуваше Еуроактив
Пред две години Еурактив пишуваше дека главен „свиркач“ за аферата со бугарските пасоши била Катја Матева, поранешен директор во Советот за државјанства, тело кое учествува во донесувањето одлуки за издавање бугарски државјанства на странци. Матева добила отказ од Захариева во 2016 година, откако таа одбила да учествува во измамничкиот ринг.
Матева за „Еурактив“ тврдеше дека главен извор на финансии на ВМРО-БНД е шемата „кеш за пасоши“ и тоа, кога таа работела, главно од Македонци, кои аплицирале за пасоши. Таа на бугарското обвинителство му рекла дека Каракачанов добивал меѓу 550 и 1.500 евра за секој пасош доделен на Македонец, а дневно имало по 150-200 кандидати. Матева тврдеше дека кога работела блокирала 7.000 молби за пасоши од Македонци, по што Каракачанов, тогаш како лидер на ВМРО, притиснал кај министерката за правда Захариева таа да биде отстранета од работа и да ги одблокира молбите. Каракачанов, пак, бил под силен притисок од Македонците, кои дале мито за пасоши, па се заканиле со земање на парите назад. Захариева, како што тврдеше дојавувачката, давала отпор, но тоа било се до 3 јуни 2016 година кога Андреј Ковачев со една невладина организација организирал средба во Македонија. Потоа Матева летнала од работното место.
„Еурактив“ пишуваше дека Матева своите докази ги доставила до обвинителството, но остана нејасно зошто Захариева, Каракачанов и Ковачев не биле предмет на истрага.
Comments are closed for this post.