На 31 декември 1943 година македонските граѓани не легнале како Бугари, па на 1 јануари 1944 година се разбудиле како Македонци. Тие се Македонци со векови, се чувствувале и се чувствуваат како Македонци.

Ова на денешната прес-конференција го изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи му на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој вчера изјави дека „секој што прочитал пет страници историја знае дека нема македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 1944 година”.

-Ние сме биле и сме и ќе бидеме Македонци. Колку и тоа да е податливо сега во Бугарија, јас нагласувам дека таквите ставови од Бугарија се навредливи. Бугарија е пријателска земја, Каракачанов е мој пријател, но кога така се говори за наши чувства, тоа нѐ повредува. Затоа што, кога некој разговара за твои чувства, тоа е болно, независно дали се наоѓате во Македонија, Бугарија, Грција или во друга земја, рече Заев.

Тој додаде дека секаде во светот секој има право да се самоопредели и оти нашето право на самоопределување е наше суверено право. Притоа нагласи дека токму Бугарија беше земјата која прва го призна нашето право на самоопределеување.

-Ако се Европејци, ќе го почитуваат нашето право на самоопределување, на нашите корени, тоа се европските вредности. Ние ја знаеме нашата словенска историја, го знаеме растот на нашиот македонски јазик. Знаеме што сме. Знаме кој е нашиот идентитете. А, со тоа нема да му наштетиме на бугарскиот идентитет, рече Заев и додаде дека за деловите од, како што рече, заедничката историја треба да расправаат само историчарите.