Ситуацијата со короната е излезена од контрола и е пет до дванаесет да се донесат нови мерки, беше оценката на баварскиот премиер Маркус Зедер по денешниот состанок на покраинските премиери со Меркел.

 

Па така, од среда остануваат отворени прехрамбрени продавници, продавници за пијалоци, пазари, аптеки, банки, а ќе работат и оние кои испорачуваат нарачки. Затвораат фризерите, козметичарите, масажерите, студијата за тетоважи.

Во старските домови ќе има задолжително тестирање, и тоа повеќе пати во неделата, како на персоналот, така и на сместените лица. Оние кои ќе сакаат да ги посетат роднините во старските домови, во некои региони со висок број на заразани, ќе мораат да достават негативен тест на корона. Затвораат и училиштата и градинките.

Од друга страна, на Божиќ е дозволено одење на гости со строга контрола колкумина се внатре. Верските објекти, како цркви, џамии или синагоги нема да се затворени, ако обезбедат растојание од 1,5 метри меѓу верниците, кои претходно ќе мора да се пријават, ќе мора да носат маски и нема да смеат да пеат, на пример. За Нова година има забрана за собирање низ целата држава, како и пукање огномети на јавни површини. Продажбата на пиротехника оваа година е забранета. О

Од 16.12.2020 до 10.01.2021 има забрана за користење алкохол на јавни површини. Дали на ова ќе се заврши, или ќе има и во други покраини полициски часови, како што веќе има во некои, ќе се одлучува дополнително.

Вакцинацијата против коронавирус во Германија и Европската унија ќе започне неколку дена по одобрувањето на вакцината од регулаторот, што се очекува околу крајот на декември, изјави денеска на прес конференција германската канцеларка Ангела Меркел.

Европската агенција за лекови објави дека одлуката за одобрување на вакцината најверојатно ќе биде донесена до 29 декември.

– Ние сакаме тоа да се направи внимателно, без политички притисок, затоа ќе мора да почекаме, рече Меркел.

Веднаш по издавањето на дозволата, ќе започне испораката на вакцината во сите европски земји и во јануари ќе може да се започне со вакцинација, објасни таа.