Шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, одговарајќи на пратенички прашања утрово во бугарскиот парламент, се обиде да ги расипе и односите на Македонија со Грција и да ја замеша Атина во конфликтот. Според Захариева, и Преспанскиот договор, на кој толку му завидуваат во Бугарија, има рокови, но според нејзините сознанија – и тие не се исполнуваат.
Таа сепак не виде потреба од нови меѓународни гаранции за Договор за добрососедство со Бугарија бидејќи самиот тој има меѓународен карактер, така што и натаму ќе инсистираат неговото исполнување да влезе како услов во преговарачката рамка, а преку таканаречената патна рамка да се утврдат рокови за исполнување. Сепак, таа забележа дека исполнувањето на договорот не може да се ограничи временски туку ќе треба постојано да се исполнува, во смисла говор на омраза може да има секогаш.
Додека кажуваше дека од Македонија се бара дека нема да има претензии кон националното малцинство, се пофали дека бугарската влада усвоила финансиска програма со која финансирала десет проекти на тие што се декларираат како Бугари во нашата држава. Во однос на јазичното прашање рече дека ќе се бара доследна примена на Договорот од 2017 година.
Откако се најде на удар на опозицијата која прашуваше кога всушност забележале дека Македонија не го исполнува договорот и како го потпишале без да обезбедат гаранции дека ќе се исполнува, па и какви гаранции бараат сега да се исполни, таа ја издраматизира реториката и рече дека Историската комисија две години ништо не сработела, а административните сопки за бугарските инвеститори во Макеоднија биле фрапирачки и дека за тоа испратиле извештај во Европската унија. Најсилен аргумент сепак за блокада на Македонија, освен наводната блокадата на работата на Историската комисија, и беше говорот на омразата во нашата земја , порачувајќи дека додека не се смират страстите кај нас – нема смисла да продолжат преговорите.
На забелешката колку специјални пратеници ќе дојдат од Македонија и дали Бугарија ќе именува свои, Захариева рече дека ним не им треба тоа и дека Владо Бучковски е првиот кој доаѓа со таква позиција бидејќи Љупчо Георгиевски бил во мисија на добра волја.
Нашиот сосед мора да надмине голем број стереотипи за да тргне на патот кон влез во ЕУ. Добрососедството мора да стане дел од рамката за преговори, бидејќи ова се најсилните гаранции за Бугарија дека потпишаните документи ќе бидат имплементирани и надгледувани во текот на целиот процес на преговори, со јасни критериуми за напредок, рече Захариева пред пратениците, порачувајќи ни порака за помалку емоции и повеќе прагматизам.
„Работата на комисијата е политизирана од македонска страна“, нагласи Захариева, истакнувајќи го и наводното забавување на инфраструктурните проекти, со Коридорот 8 како пример, особено во делот за поврзаност со железницата.
Во рамки на преговорите, Бугарија побара неколку јасни работи. Добрососедските односи се хоризонтален критериум на Мастрихт “, рече Захариева од собраниската говорница и продолжи:„ Ние сме соседни земји, бугарскиот народ има пријателски чувства, и покрај одвратната кампања и говорот на омраза од другата страна на границата “.
Comments are closed for this post.