Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Марија Адебахр, на редовната конференција во Берлин изјави дека земјата-претседавач со ЕУ работи со полн интензитет за што побрзо отворање на преговорите.
Советот на ЕУ во март годинава одлучи да започне преговори со Албанија и Македонија и нашата цел останува да ги започнеме овие преговори што е можно побрзо. Ние сме на мислење дека Европската унија даде збор и тука се занимаваме со кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на Западен Балкан, така што она што го знам досега е дека интензивните консултации сè уште се одржуваат во Брисел и на билатерално ниво во земји членки и дека истите продолжуваат. Не се предаваме и мора да напредуваме, беше цитирана Адебахр од Дојче Веле.
Таа не рече дали ќе се одобри рамката за преговори со Албанија, но истакна дека желбата е разговорите да започнат што е можно побрзо.
Дипломатски кругови од Берлин за ДВ изјавија дека во моментов се прави обид да се донесе барем рамка за преговори со Албанија, без оглед дали е постигнат компромис меѓу Македонија и Бугарија.
Ова е идеја на секретаријатот на Советот на ЕУ, која е поддржана и од Германија, но сепак има голем број земји скептични кон предлогот.
Comments are closed for this post.