Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европската унија мора да развие свој капацитет за самостојно дејствување во технолошкиот, меѓународниот сектор за финансии и одбраната.
Во интервју за „Ле Гранд Континент“, цитирано од Блумберг, тој ги предупреди европските лидери да не дозволуваат поразот на Доналд Трамп на изборите да ги доведе во заблуда. Тој рече дека не треба да го сфаќаат поразот како знак дека уште еднаш ќе можат да се потпрат на Соединетите држави за да ја обезбедат европската безбедност и да ги заштитат интересите на блокот.
Соединетите држави ќе не почитуваат како сојузници ако сме чесни и независни, со почит кон нашата одбрана“, рече Макрон. „Ние мора да продолжиме да ја градиме сопствената независност“, додаде тој.
Како пример за ранливоста на ЕУ, Макрон ги наведе неодамнешните случувања во облачните услуги што може да ги остават европските податоци предмет на законите на САД, како и тензиите околу иранскиот нуклеарен договор, во кој Соединетите држави имаат предност во однос на ЕУ, поради статусот на американскиот долар.
Макрон ги продолжи своите напади, свртувајќи се кон Германија. Тој ја обвини министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер, која на почетокот на овој месец рече дека ќе биде „илузија“ да се верува дека ЕУ може да ја замени улогата на САД во заштитата на безбедноста на континентот.
Според Макрон, ваквите заклучоци се „погрешно толкување“. „За среќа, ако разбирам правилно, канцеларката (Ангела Меркел) не ги дели овие ставови“, додаде тој.
Макрон се состана со американскиот државен секретар Мајк Помпео во понеделникот, но не се очекува двајцата да дадат јавни изјави.
Comments are closed for this post.