Благодарни сме што Германија како претседавач со ЕУ покажува засилен ангажман за исполнување на заедничката цел: одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Северна Македонија, како значаен сигнал за целиот регион и за кредибилитетот на ЕУ, што е во интерес на сите.
Ова се наведува во ставот, со кој излезе денеска Владата по вчерашната средба во Берлин на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Средбата беше на покана на министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, како претставници на земјата, која е актуелен претседавач со ЕУ, а која повеќе пати досега напомена дека нејзина цел е првата Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ да се одржи до крајот на декември.
Владата нагласува дека честите контакти и средби на високо ниво се во функција на поголемо разбирање со соседна Бугарија и додава дека овие комуникации водат кон поголемо разбирање, кон зајакнување на довербата и кон приближување на позициите.
– Го почитуваме и посветени сме на Договорот од 2017 година, кој нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатерални прашања, нагласува Владата и додава оти верува дека историските прашања кои се дел од заедничката историја може да се решат низ Комисијата за историски и образовни прашања, како и дека решенијата ќе ги јакнат пријателството и соработката меѓу двете земји.
– Убедени сме дека нашите три цели: грижата за националниот интерес и правото на самоопределување на македонскиот народ, нашата европска иднина и отворањето на пристапните преговори со прва меѓувладина конференција во декември и добрососедски односи врз основа на взаемно разбирање и почитување не само што не се спротивни една со друга, туку се целосно компатибилни, нагласуваат од Владата.
Comments are closed for this post.