Во однос на јазикот има две варијанти-или користење на формулата од 2017 година или признавање на еволуцијата на македонскиот од бугарскиот јазик.

Ова е една од забелешките на Бугарија за визирање на преговарачката рамка за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, што на денешниот брифинг со новинарите ја обелодени бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Според нејзините зборови, јазикот бил една од темите во која е постигнат извесен напредок во разговорите со македонските министри за евроинтеграции и за надворешни работи, Никола Димитров и Бујар Османи. Другата тема во која е забележан напредок била подготвеноста на Македонија да изјави дека нема никакви територијални претензии кон Бугарија.

Захариева на средбата со новинарите не соопштила детали околу напредокот постигнат за македонскиот јазик, иако го оценила како „доста голем“, оставајќи „да се види конечниот текст“.

Оттука и прашањето-на што се согласиле министрите Димитров и Османи околу македонскиот јазик?

Зашто, во објаснувањето, што пред бугарските новинари го дала Захариева, таа истакнала дека „за Бугарија јазикот е затворена тема со формулацијата од 2017 година“.

А, според нејзиното објаснување, во Договорот за добрососедство се вели дека се потпишува „на официјалните јазици на двете држави потписнички“ и во него нема услов за употреба на терминот „македонски јазик“, освен со фуснота, што, пак, е содржано во Рамковната позиција на Бугарија, која беше усвоена од Народното собрание две годин и по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.