Ги поддржувам основните констатации на министерката за надворешни работи Екатерина Захариева дека двостраниот договор меѓу Република Бугарија и Репуб лика С.Македонија не се почитува од македонска страна. Како резултат на тоа, во моментов довербата на Софија кон Скопје е изгубена, поради системско неисполнување на преземените од македонска страна обврски.

Ова во соопштение издадено од прес-центарот на Министерството за одбрана го изјави министерот за одбрана Красимир Каракачанов, пренесуваат бугарските медиуми.

Во соопштението натаму се вели:

Потсетувам дека од октомври 2019 година постои Рамковна позиција, утврдена од бугарскиот парламент, во која се јасно дефинирани роковите и условите при кои Бугарија ќе го поддржи членството на РСМ во ЕУ.

Од макердонска страна не е исполнет ниту еден услов од Рамковната позиција, особено условите за постигнување напредок во работата на заедничката историска комисија, која практично беше еднострано блокирана од Владата во Скопје.

За мене останува потполно неприфатливо Македонија да добие поддршка за започнување на преговорите со ЕУ со изнаоѓање на каков било компромис со Декларацијата од 1999 година, потпишана меѓу двете држави, или без јасно признавање од страна на Скопје на бугарските корени на современиот македонски јазик и историја по 1944 година.

Не сметам дека во моментов Бугарија има гаранции од македонска страна за исполнување на Договорот од август 2017 година и не прифаќам дека такви гаранции можат да бидат дадени од членови на македонската Влада или само декларација од нивна страна. Единстевна гаранција би можел да биде писмен анекс кон Договорот од 2017, што ќе ја одразува бугарската Рамковна позиција и Декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019 година.

Во спротивно, Бугарија не може да го поддржи европското членство на Македонија при никакви услови и при никаков надворешен притисок, ако за таа цел бугарската страна ќе треба да ги жртвува своите национални интереси, дозволувајќи во ЕУ една антибугарска државна идеологија, наследена од времето на комунистичка Југославија и, за жал, со сите напори потхранувана од сегашната Влада во Скопје.