Властите во Скопје категорично го отфрлија предлогот од Софија, Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет, а за возврат Северна Македонија да признае дека тие имаат бугарска основа, пишува бугарскиот портал „Медијапул“ по вчерашната информација што ја објави бриселки „Политико“ дека во ЕУ бил поддржан овој предлог.
Со ова, според порталот, станува сѐ поверојатно дека Бугарија ќе го блокира усвојувањето на Преговарачката рамка и првата Меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ која се планира да се одржи во декември. Во текстот се цитираат изјавите на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев дека „тврдењата дека македонскиот јазик и народ имаат бугарски корени се непрофатливи“, како и дека „нема да преговараме за идентитетот на Македонците и за македонскиот јазик. Тоа се нашите црвени линии“.
Исто така, се пренесува и изјавата на Заев дека очекува бугарските лидери да направат конкретни чекори во однос на македонскиот јазик и нација, и дека „нема да има нов договор, ниту анекс на договорот“.
Се очекува Заев во Софија да преговара лично со премиерот Бојко Борисов, но бугарските власти засега се воздржуваат да ги коментираат односите меѓу Македонија и Бугарија, откако, како што пишува порталот, „бугарскиот предлог беше официјализиран од европската редакција на Политико“.
„Медијапул“ пренесува и изјава на дипломатски извори дека „со оглед дека Бугарија има рамковна позиција на Парламентот, усвоена со политички, но и со национален консензус од 2019 година, Владата нема избор и ќе ја блокира Северна Македонија, а таа не направи нешто суштинско“.
Comments are closed for this post.