Македонија и Македонците се втурнати во ново национално понижување од највисок ранг, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Откако СДСМ неколку дена го обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ буквално за сè, Заев на виртуелниот конгрес на СДСМ, рече дека сепак се подготвува изјава, декларација или дополнување на Договорот со Бугарија. Без јавност, без експерти, без комисија. По три дена владиниот портпарол го демантираше својот шеф. Вчера пак, Заев излезе со став дека сепак нема да има декларација. Но и друг пат Заев едно говорел, а зад завесите правел штета на македонските интереси. Бараме јасен став од страна на власта. Различните најави де ќе има – де ќе нема дополнувања и анекси, ги иритирааат граѓаните. Македонската дипломатија не треба да молчи и да се крие, туку да реагира кон негаторските ставови кои доаѓаат од одредени кругови во Софија. Веќе е доцна. Прашуваме, кој е ставот на Владата? Дали со декларација или анекс, македонската страна ќе прави отстапки кон Бугарија во поглед на македонскиот јазик и македонската историја, прашува Андоновски.

Тој додава дека овие денови, угледни европски медиуми пишуваат за т.н. Македонски компромис, според кој македонската страна треба да ги признае бугарските корени на македонскиот идентитет и јазик. Амбасадорите во Брисел зборуваат дека ние треба да ја признаеме бугарската „историска вистина“ и сите тези на Бугарија. Радикалните ставови на Бугарија дека Македонците се коминтерновска творба треба да бидат прифатени како на зелен пазар за подигнување на рампата за отпочнување на преговорите со ЕУ. И ако Заев прифати дека наместо окупатор во Македонија имало бугарска администрација, тоа директно значи и прифаќање на сите бугарски асимилаторски политики.

-Немањето на став на СДСМ и ставањето настрана на историската комисија потсетуваат на едни други темни времиња. Потсетуваат на ФИРОМ, на ѕвездата од Кутлеш и промената на името. Што е следно во оваа низа? Јазикот, химната или грбот? Ние тоа нема да го дозволиме. ВМРО-ДПМНЕ е со јасен став. Македонците имаат право на сопствена држава и сопствен јазик, македонскиот јазик. Македонија заслужува да отпочне преговори со Европската унија. Гоце Делчев е Македонец во секоја смисла на зборот, а македонскиот јазик својата модерна форма ја добива од втората половина на 18 век, а е кодифициран со одлуките од АСНОМ од 1944 и одлуките од 1945 година. Секакви други договарања ги отфрламе. Ние не можеме да заборавиме на стотиците Македонци заклани и живи закопани во Богомилско, во Поречко, во Ваташа, да заборавиме на илјадниците во концентрационите логори. Тоа не било бугарска администрација, тоа било окупација. И затоа, доколку Владата ги прифати асимилаторските бугарски ставови, ние таквите договори ќе ги поништиме и нема да ги почитуваме, вели Андоновски.

Тој додава дека суштинското прашање е дали Владата знае кај тера со овие преговори? Имаме ли македонски црвени линии? Кога ќе отпочне првата меѓувладина конференција? Кој е датумот? Кој е планот Б за отпочнувањето на преговорите со ЕУ без договор? Што ако се случи најавуваното вето од Бугарија? Граѓаните на Македонија заслужуваат да знаат во што нè втурнува оваа трговија на Заев со македонските национални интереси!