Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов денеска изјави дека неговата земја не може да ја промени позицијата во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, затоа што имаат декларација во парламентот и одлука на владата по тоа прашање. Одговарајќи на новинарско прашање по денешниот работен појадок со министерот за надворешни работи Бујар Османи и германската амбасадорка Анке Холштајн во МНР, тој рече:
-Бугарија не може да ја промени позицијата затоа што има декларација на парламентот и одлука на владата. Тоа што се говори во ЕУ внатре, тоа е проблем на ЕУ. Тоа е проблем на Брисел, не е наш проблем.
Ангелов додаде дека сега се сконцентрирани на тоа да се заврши Берлинскиот процес, за да ѝ покажеме на ЕУ дека можеме заеднички да завршиме нешто.
Германската амбасадорка Холштајн, пак, кажа дека нејзината земја ќе направи сè што е можно првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија да се одржи до крајот на годината.
-Сум кажала многу пати и среќна сум да повторам дека одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство на полето на проширувањето и се држиме цврсто до таа цел. Ќе направиме сè што можеме тоа да се случи, има уште време и тоа е во интерес на сите вклучени во процесот, изјави амбасадорката Холштајн
Османи не сакаше да навлегува во детали за што се разговарало со Бугарија за, како што кажа, да им остави простор на работните групи да продолжат со разговорите, но рече дека јавноста ќе биде информирана.
Comments are closed for this post.