Околу 100 вработени во „Жито Прилеп“ од денеска штрајкуваат и го запреа производството на основниот прехранбен продукт зашто немаат земено плата за февруари и за март, ниту пак има навестување за тоа од сопственикот кој е во САД. Вработените се собраа во дворот на фабриката и, иако изразуваат жалење дека градот пред Велигден ќе го остават без доволно леб, сепак, велат немаат друг излез.
Според технологот Лазо Ристески, сопственикот пред 10 дена го информирале писмено со потписи на сите вработени и со предупредување дека ако не исплати плата за три дена ќе го стопираат производството. Но досега нема никакво навестување.
-Неколкупати баравме информација од сопственикот кој е во Америка да ни каже кога и дали ќе земеме плата, а немама ниту за февруари, ниту за март. Се обративме писмено со потписи на сите вработени. Побаравме пред 10 дена со предупредување дека ако за три дена не ни исплати плата за февруари. Бидејќи немаме никаков одговор веќе 10 дена, одлучивме од денес да не произведуваме леб и бели печива. Иако е неправда кон граѓаните во ваква вонредна ситуација, особено за велигденските празници, но моравме да го преземеме овој чекор. Особено што од синоќа добивме информација дека рекол ако сакаме да работиме да продолжиме со работа, ако не, да си одиме дома. За плата нема ниту збор кажано. Инаку, придонесите за платата се поминати и преку банка ни се платени по 100 денари. Приватните фирми и производители од други градови најверојатно за краток период не ќе можат да го надополнат потребите и најверојатно градот ќе остане без доволно леб. Последната недела работевме со многу убедувања на вработените, само градот да не биде без леб. Но повеќе не се издржува и не е фер и спрема нашите семејства, изјави Ристески.
Марјан Димоски, вработен во „Жито Прилеп“ ја објаснува тешката ситуација дома зашто немаат пари за семејствата.
-Дома е тешко. Се наближува празникот, останавме без пари, не може да платиме сметки, 80 отсто од вработените се со кредити и нив им стигнаа забрани за плати. Ситуацијата е многу тешка. Во ваква ситуација, ние доаѓаме на работа, го ризикуваме здравјето, ама без пари. Наместо да бидеме наградени, ние сме казнети. Инаку, во фирмата е направена систематизација и сите вработени земаме по 14 500. Проблеми има и со К-15, со хранарината и патарината, вели Димоски.
Неизвршниот член на Одборот на директори на Жито- Прилеп Елизабета Мојсоска кратко не информираше дека не е овластена да дава информации, туку само генералниот директор Николас Алан Атанасоски кој е во САД. Информиран е за ситуацијата и тој треба да одговори.
Дневно „Жито Прилеп“ произведува по 10.000 парчиња леб. Минатиот викенд, за полицискиот час, се произведени околу 25.000 парчиња и илјадници парчиња бели печива, а за овој велигденски викенд требаше да се произведат околу 35.000 парчиња леб.
Comments are closed for this post.