Ако некој сака да го цитира Гоце Делчев, тогаш тоа не треба да го прави делумно, туку целосно да ја пренесе неговата мисла, која завршува со зборовите-Јас не познавам друг народ, кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот. А, јас би додал дека македонскиот народ најмногу страдал од слугите на сите режими.

Вака го заврши својот воведен говор во одбраната поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, кој заедно со ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, се обвинети за собраниските случувања на 27 април 2017 година.

Поранешниот спикер оцени дека обвинителниот акт против него е со политичка позадина за остварување политички цели, а по налог на политичка партија, која е и извршна власт.

– ОЈО направи суштествени повреди на Законот за кривична постапка. ОЈО без мој исказ ја затвори истражната постапка, ниту ме извести за доказите против мене, ниту ги зеде во предвид материјалните докази доставени од моја страна, а добиени од Собранието, рече Вељаноски.

Тој во својата одбрана го изнесе целиот историјат на тоа што претходеше на настаните од 27 април, почнувајќи од закажувањето на конститутивната седница на новиот парламентарен состав, по изборите во 2016 година, па до добиеното барање потпишано од 31 пратеник од сите партии на новото праламентарно мнозинство за продолжување на седницата на 28 април 2017 и последната координација со координаторите на пратеничките групи одржана на која било договорено прекинување на седницата во 18 часот дента на 27 април.

– Со материјални и вербални докази на кредибилни сведоци ќе докажам дека сите постапки после 18 часот во Собранието на 27 април 2017 година се незаконски и неуставни, нагласи Вељаноски.

 

Според него, целосна невистина е наводот на обвинителството дека преку ред му дал збор на пратеникот Зеќири Ибраими, по што во Собранието дојде до настаните.

-Обвинителството не прави разлика меѓу барање за реплика, за збор и за процедурално. Доколку сакало да ја утврди вистината, ќе го сослушала пратеникот и во првиот и во вториот предмет. Но, очигледно не сакало за да се доби искривена слика во јавноста, рече Вељановски.

Заедничкиот бранител на Вељановски, Јанакиески и Ристовски во својот говор, пак, изнесе интересен детал. Тој, меѓу другото, истакна дека Александар Василевски Нинџа, според податоците од базните станици, во времето кога, наоводно, ги видел во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Јанакиески и Ристовски, воопшто не бил таму.