Сосема е извесна спогодбата меѓу шпанската Социјалистичка партија (ПСОЕ) и Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), што го отвора патот службениот премиер Педро Санчез повторно да биде изгласан за оваа функција во парламентот.
Шпанските медиуми јавуваат дека средбата меѓу преговарачките страни од двете партии покажала значителен напредок, а најделикатниот дел од спогодбата бил договорен и сега се очекува нејзиното одобрување од ЕРЦ: преговори меѓу централната Влада во Мадрид и каталонската регионална Влада за можното решение на политичката криза во Каталонија.
Сега веќе може да се закаже и гласањето за влада во периодот меѓу 2 и 5 јануари, пишува електронското издание на шпанскиот весник „Ел Паис“.
Социјалистичката партија победи на повторените општи избори во ноември, но, како и на гласањето во април, не освои мнозинство. По гласањето од минатиот месец Педро Санчез и лидерот на левичарската партија „Унидас Подемос“, Пабло Иглесиас, соопштија дека постигнале договор за состав на коалициска влада. Тоа, меѓутоа, не беше доволно Санчез да помине на евентуално гласање доверба во Конгресот и тој затоа продоложи да преговора со други партии, во случајов со ЕРЦ.
Доколку гласањето со „воздржан“ на сецесионистичката каталонска партија биде обезбедено, Санчез практично гарантирано поминува како премиер, имајќи предвид дека тој веќе ја доби подршката на Баскиската националистичка партија (ПНВ), на Мас Паис (левичарска партија, формирана од основачот на „Подемос“, Иниго Ерехон), Кантабриската регионална партија ПРЦ, регионалната партија Компромис од Валенсија и партијата на Канарските острови – Нуева Канариас.
Ова е добра вест и за Македонија бидејќи уште Шпанија го нема ратификувано Протоколот за наше членство во НАТО. За секој случај, владата го испрати Договорот за членство во македонското Собрание кое треба да биде ратификувано предвреме а ќе почне да важи што Шпанија го изгласа Протоколот во нивниот Парламент.
Comments are closed for this post.