Изборите секогаш биле мака за политичките партии затоа што тогаш народот оценува и вреднува, а како тргнало веќе подолг временски период и неколку изборни циклуси наназад народот не вреднува и не оценува, затоа што нема што да оцени, туку избира од двете зла помалото.
Изборите и кампањата, која се води од страна на партиите, секогаш покажуваат неколку работи, прво ја покажуваат нервозата на партиите и лажното додворување на гласачите, кои ги сметаат за нужно зло, второ покажуваат колку се без визија и фантазија, трето и најважно покажуваат што се не сработиле, а требале и ветиле дека ќе го сработат. За ова третово партиите се обично најгласни.
Така и пред овие избори партијата на власт се сети на “сваровски судството“ кое го “отвори како пупка“ и кое се до вчера пред избориве беше добро и онака нереформирано. Наеднаш, затоа што тоа и беше едно од најважните ветувања кога доаѓаше оваа партија на власт, се сети на судството, судиите, обвинителите и реформите.
Се почесто партиските функционери и мегафони зборуваат за ветингот во судството убедувајќи го народот дека е дојдено време за тоа. А, народот зачуден, ако воопшто веќе може на нешто и да се чуди по сите киксови, гафови и будалаштини и на едните оние претходно и на сегашниве на власт, се прашува зошто тоа не се направи изминативе две години и покрај ветувањето за генерален реизбор на судиите уште во времето на Шарената револуција.
Само што дојде оваа гарнитура на власт си ја обеси ружата на левата страна во косата и почна да си свирка, исто онака како што тоа го правеше додека претходните ги ставаа лавовите по мостовите и фонтаните и почна да ретерира во однос на генералниот реизбор и воопшто реформите во судството.
Наеднаш стивнаа критиките дека судството е партизирано, дека е сваровски, дека треба и мора да се извршат длабоки и коренити реформи. Судскиот свет , кој толку многу се критикуваше и кој беше окарактеризиран како глава од која рибата смрди, продолжи со својата работа исто онака како што работеше изминатава деценија. Претседателот на Врховниот суд продолжи со работа цели две години, а ниту еден судија и обвинител не беа повикани на одговорност. Спиеше лавот , ружата цветаше, а судството тонеше.
Многу кратко време и тоа онака споредно беше спомнувана евалуацијата на работењето на судиите и обвинителите, но и од тоа не бидна ништо, се заборави исто онака брзо како и секое предизборно ветување.
По многу афери и тоа сериозни афери како по својата димензија, така и по својето значење, безброј гафови и будалаштини, коруптивни и помалку коруптивни скандали власта се сети на судството токму пред изборите. Се сети на ветинг.
Ветингот во своето изворно значење го означува ветеринарниот преглед на коњите пред трката. Ветингот во преносно значење означува внимателна и темелна проверка на определено лице, субјект или правно лице пред да се донесе одлука во врска со него. Имајќи го ова во предвид ветингот служи повеќе за проверка на капацитетите и својствата на определено лице или субјект кои ќе ја покажат спремноста, способноста и можноста на тоа лице за определена работа.
Тоа се прави пред стапување на функцијата или пред стапување на должноста односно пред отпочнување на работата. Ветингот се прави за да се оцени спремноста за нешто што допрва треба субјектот да го сработи односно коњот да го истрча. Со ветинг не се утврдува исправноста или законитоста на веќе сработеното. Тоа се прави господо политичари со евалуација, а во нашиот случај со реевалуација.
Зошто реевалуација? Затоа што евалуација на работењето на судиите им правеше Судскиот совет истиот оној од кој целата риба смрди и кој беше посочуван од сите дека е најодговорен за ваквата состојба во судството и неговата партизираност. Токму затоа и евалуацијата на Судскиот совет треба да се евалуира односно да се изврши реевалуација на работењето на секој судија.
Како и многу пати до сега оваа власт ги смешала лончињата по неколку прашања за кои не само што нема одговор, туку истите и не си ги поставува затоа што оваа област и не ја познава. Прво што треба да направат политичките партии е да обезбедат алатки и механизми за спроведување на реевалуацијата на работењето на судиите и обвинителите и веднаш потоа да ги тргнат рацете од судството. И тоа што подалеку, затоа што се што допреле во изминативе децении корумпирале и изгнасиле. Не може било која политичка партија или Влада да врши реевалуација или по нивно ветинг во судството.
Постои уставна поделба на власт и извршната власт не смее да ги презема надлежностите на судската и да го дисциплинира судството. Наместо смешните партиски ветувања за ветинг би било паметно и корисно да го трасираат патот и обезбедат механизми за заздравување на судството, а тоа можат да го сторат со предлог закон до Собранието за формирање на тело за евалуација на работењето на Судскиот совет и негова контрола.
Во тоа тело би имало место само за луѓе без партиско минато, криминални опашки и дамки во своето работење, а би потекнувале од редот на пензионираните судии, обвинители, адвокати, професори и новинари. Со ова би се надминал проблемот кој со години се провлекува, а тоа е немање орган или тело пред кое Судскиот совет би одговарал. По евалуацијата на работењето на Судскиот совет за изминативе 12 години и утврдувањето на одговорноста на членовите на Судскиот совет, така проветрениот евалуиран Совет би можел да ја обавува својата уставна функција, но и да ја изврши реевалуацијата на работењето на секој судија.
Отчетноста во работењето на секој член на Судскиот совет, но и на секој судија мора да биде дел од идното и нормално судство заедно со одговорноста за своето работење. Неприфатливо е секоја институција во државата да мора да биде отчетна и да сноси одговорност за своето работење, а тоа за судовите и судиите и обвинителствата и обвинителите да не важи.
Ако ова не се направи не само што нема да има реевалуација, нема да има ни ветинг, туку ќе остане само петинг. Партиите ќе се протријат едни со други задоволувајќи ги своите потреби и страсти, ќе го протријат и погалат судството нежно милувајќи го и тука ќе заврши целата приказна. Со петинг како и со ветинг ништо не може да се роди ниту изроди, принова нема да има, а ние и понатаму ќе се чешаме….
Comments are closed for this post.