Двете досегашни опозициски партии во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), според официјалните податоци на Централната изборна комисија (ЦИК), победија на вонредните парламентарни избори што се одржаа вчера во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Врз основа на 99,6 отсто од преброените гласови, партијата на Албин Курти, ВВ, освои 25,76 отсто, додека ЛДК на Иса Мустафа, која на овие избори ја предводеше кандидатката за премиерка Вјоса Османи, 25,06 отсто од гласовите.

Изразено во бројки, од над 851 илјада гласачи кои излегоа на гласање (од вкупно 1,937 милиони граѓани со право на глас), за ВВ гласале 197.134, додека за ЛДК 191.772 лица.

 

Од партиите кои до овие избори беа на власт, Демократската партија на Косово (ПДК) на досегашниот собраниски спикер Кадри Весели освои 21,18 отсто (162 илјади гласа), коалицијата на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на досегашниот премиер Рамуш Харадинај со Социјалдемократската партија (ПСД) на приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети – 11,61 отсто, односно околу 89 илјади гласови, додека за коалицијата на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата Ново Косово (АКР), партии на досегашните вицепремиери Фатмир Лимај и Беџет Пацоли, гласаа 37,7 илјади лица, односно 4,93 отсто од оние кои излегоа на избори. Резултатот на оваа коалиција е едно од поголемите изненадувања на вчерашните избори, со оглед дека таа не успеа да го помине изборниот праг од пет отсто и нема да има пратеници во законодавниот дом.

Од партиите на косовските Срби, Српската листа забележа убедлива победа во однос на другите партии кои ја претставуваат српската заедница во земјата, со освоени 47,6 илјади гласови. Тоа е 6,22 отсто од вкупниот број на гласови на вчерашните избори и околу 98 отсто од гласовите кои ги добија сите партии на српската заедница во Косово.

По објавувањето на резултатите, ВВ синоќа на полноќ организира прослава во центарот на Приштина, на која присуствуваа повеќе илјади нејзини членови и приврзаници. Партискиот лидер Курти, во своето обраќање од плоштадот „Скендербег“ порача дека новата влада, која ќе ја води тој, ќе стави крај на државниот криминал, корупцијата и непотизмот и ќе соработува со САД, Германија и другите партнери од Западна Европа, а ја повика ЛДК и Вјоса Османи заедно да ја водат земјата.

Османи во изјава за медиумите изрази задоволство поради тоа што, како што рече, „опозицијата ја испрати власта во опозиција“. За соработката со ВВ најави дека ќе се разговара откако ќе бидат официјализирани резултатите на гласањето, вклучително и броењето на гласовите на дијаспората кои се испратени по пошта и кои треба да се избројат во текот на денешниот ден, или најдоцна до утре.

Лидерите на ПДК и на коалицијата ААК – ПСД, Весели и Харадинај, во обраќања преку медиумите го признаа изборниот пораз и изјавија дека ќе дејствуваат како опозиција.