Очекувам во 2019 година економските параметри да бидат најголеми во последните 15 години, како и во третиот и четвртиот квартал да продолжи растот што почна во претходни квартали, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на панелот „Патот кон просперитет“ на Самитот за Западен Балкан што денеска се одржува во Скопје во организација на „Економист“.
Тој нагласи дека во 2018 година во земјава имаше 700 милиони долари директни странски инвестиции или повеќе од 6,5 проценти од Бруто домашниот производ.
Ако во октомври се слушнат добри информации верувам дека странските директни инвестиции ќе бидат уште поголеми отколку во 2018 година кога имаше рекордно ниво на вакви инвестиции во досегашната историја на земјата, рече Анѓушев.
Нагласи дека во моментов се преговара со компании од развиениот технолошки свет за инвестиции во земјава и додаде дека ако се помине добро е можно да се привлечат над 100 милиони евра нови инвестиции.
Посочи дека земјава станува атрактивна за странски директни инвестиции и е поконкурентна на ова поле во споредба со останатите земји од Западен Балкан.
Вицепремиерот истакна дека економијата во земјава бележи континуиран раст. По вториот квартал од 2017 година, кога БДП бележеше негативна стапка од -1,8 отсто, додаде, во изминатите две години растот на БДП е постојано со позитивни стапки, а во последните два квартали се забележани стапки на раст од 4,1 и 3,1 отсто, стимулирани од раст на реалниот сектор.
Креираме услови за развој на реалната економија, преку 250 компании се поддржани со мерките за стимулирање на технолошкиот развој и иновации на компаниите, а со тоа и подигнување на нивната конкурентност и продуктивност. Како резултат на работата на реалниот сектор бележиме раст на индустриското производство, во август од 9,8 отсто во однос на истиот период лани, додека досега во оваа година бележиме раст на индустриското производство од 5,5 отсто. Невработеноста од 21,7 отсто, за само две години се намали на рекордно ниски 17,5 отсто, преку креирање на нови над 54 илјади работни места, а во исто време бележиме ефективен кумулативен раст од над 10 отсто на просечната нето плата, рече Анѓушев.
Како заеднички предизвик на сите земји во регионот го детектира недостигот на квалитетна работна сила, како и одливот на младите стручни кадри во развиените европски земји. Поради тоа, рече, мора да се работи на подобрување на условите за живот во земјите од регионот, како и да се обезбедат подобро образование, подобро платени работни места, подобри услови за живот и подобар здравствен систем.
Според него, клучно е во наредниот период да се смени образовниот систем во земјава кој треба да продуцира кадри што ќе бидат употребливи за стопанството и да се зголеми соработката на странските инвеститори со домашните компании.
Comments are closed for this post.