Иран соопшти дека нападот со проектили и беспилотни летала врз големите нафтени постројки во Саудиска Арабија бил легитимен чин на самоодбрана од страна на јеменските бунтовници Хути.

Јеменските бунтовници, коишто ја имаат поддршката на Техеран, ја презедоа одговорноста за нападот на 14 септември, за кој Саудиска Арабија тврди дека е извршен под покровителство на Иран.

Техеран, од своја страна, ја негира одговорноста за тој напад и предупредува дека каков било напад врз Иран за одмазда ќе резултира во општа војна.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, ги нарече обвинувањата на Ријад неосновани и додаде дека Иран го поддржува движењето Хути со духовни и политички средства.

Саудиска Арабија се бори против движењето Хути во Јемен од март 2015 година, поддржувајќи ја меѓународно признатата влада на земјата.