Аферата „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и треба да се реши темелно до крај не заради Европа, туку пред се, заради нас самите. Не смееме да ги толерираме евентуалните странични влијанија без разлика од која страна доаѓаат.
Оваa порака вчера ја испрати претседателот Стево Пендаровски на третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во Македонија, што се одржа во републичкото Собрание.
Пендаровски како разочарувачка ја спомена состојбата што од осамостојувањето на земјава до денес има многу малку пресуди за случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции. – А сите знаеме дека такви злоупотреби има многу. Овој факт говори дека високиот криминал и корупција биле прикривани и сме етаблирале култура на неказнување, рече Пендаровски.
Според него, треба да им дадеме максимална поддршка на нашите институции во борбата против корупцијата со цел културата на неказнивост да стане минато. За успешно справување со криминалот и корупцијата, порача шефот на државата, потребно е обединување на сите, од власта опозицијата, бизнис секторот, граѓанските здруженија.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера, пак, изјави дека постапката за расветлување на аферата наречена „Рекет“ оди сеопфатно, без странични влијанија со обезбедување релевантни докази против инволвираните во кривично-правните дејствија.
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е третоосомничена во случајот „Рекет“, вчера со полициско возило и придружба од КПУ Затвор – Скопје, каде издржува мерка притвор, беше донесена во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Јанева го искористи правото да изврши увид во доказите за случајот „Рекет“, кој траеше повеќе од три часа. Потоа со полициско возило и придружба беше вратена во затворот. Нејзините адвокати Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев продолжија со увидот во доказите за случајот.
Кадиев по излегување од Обвинителството изјави дека го почнале увидот во доказите и најави дека ќе продолжат и денеска, а најверојатно и в понеделник.
Почнавме со увид во доказите. Во дел беше присутна и Катица Јанева и потоа мораше да биде однесена назад во Затворот во Шутка. Ние продолживме до малку подоцна, меѓутоа не успеавме да завршиме со сите, ќе продолжиме и утре, а веројатно ќе остане и за понеделник“, изјави вчера Кадиев.
Второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец со „амин” на ОЈО ќе биде пуштен во домашен притвор.
Надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, на почетокот на неделата, по севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ затворањето на истрагата за случајот Рекет е обид за прикривање на трагите кои водат директно до врвот на власта.
Затворањето на истрагата со Катица Јанева е доказ дека Русковска цело време само барала начин како да ги спаси нарачателите и вистинските рекетари. Русковска и ЈО со неповикувањето на распит на Зоран Заев се доведуваат во ситуација да бидат соучесници во криминалот“, е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата и пуштањето на Кичеец од притвор покажува дека власта има премолчен договор околу решавање на случајот Рекет, со покривање на трагите кои водат до Зоран Заев.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори случајот „Рекет“ во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Јовановски и Јанева се во притвор во Затворот – Скопје, а Зоран Милески – Кичеец со одлука на судот е префрлен во домашен притвор.
Comments are closed for this post.