Лажни вести, говор на омраза, кои се клучните теми на интерес на медиумите во известувањето? Дали националните интереси на политиката ги диктираат темите за известување? Ова беа прашањата кои викендов новинари од Македонија и Бугарија ги отворија во Охрид за време на првиот „Викенд на дијалог – новинари против предрасудите”.

Новинарите учесници на дијалогот во Охрид отворено зборуваа за проблемите со кои се соочуваат медиумите, за ширењето на лажни вести и полуинформации,  како да се спречи предизвикувањето на негативни емоции, колку е важно да се има одговорност за важните процеси и сериозност во анализите.

Анализите врз основа на објавени информации и текстови и во двете земји кои ги направија новинарите укажуваат на тоа дека најчесто се пишува за политички теми.  И токму туку новинарите гледаат можност, како би можеле да допринесат за подобрување на односите меѓу двете земји –  со известување за различни теми од различни области, а не само за политика.

Македонските и бугарските новинари беа согласни дека треба да се дебатира за новинарските проблеми без да постои недоверба. Притоа беше констатирано дека во време кога сме опкружени со најразлични медиуми,  неопходна е медиумска писменост. Новинарите тука  ја потенцираа потребата од воведување на медиумска писменост во образовниот систем. Кредибилни медиуми, наспроти лажни вести.

Новинарите учесници на првиот „Викенд дијалогот“  се заложија за почести средби во насока на зајакнување на меѓусебната доверба наспроти предрасудите, како и за меѓусебна соработка.

Носител на оваа иницијатива е Здружението за промоција на дијалогот, толеранцијата и човековите права „Медиум“ – Скопје, а проектот  беше поддржан од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.