Нашите колеги не можат да бидат индиферентни пред фактите, документите, како и пред неопходноста личноста на Гоце Делчев да ја разгледуваат во контекст на неговото историско време, а не на начин, според кој, тој е прифатен и наложен како симбол подоцна, во време на постоењето на современата македонска држава.
Ова го изјави првиот човек на бугарскиот дел од Заедничката бугарско-македонска комисија за прашања од учебниците и историјата, поранешниот бугарски амбасадор Ангел Димитров, во утринската емисија на БНР новини. Изјавата доаѓа пред почетокот на денешната, седма по ред средба на мешовитата комисија.
Димитров е умерен оптимист за исходот на средбата на која треба да се разгледуваат македонските и бугарски учебници по историја и ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Но, истовремено ги обвини членовите на македонскиот дел од комисијата дека не покажуваат склоност за одделување од „традиционалните тези“.
Сигналите, што пристигнуваат последниве месеци покажуваат дека нашите колеги не пројавуваат којзнае колку голема склоност да се одделат од нивните традиционални тези во интерпретацијата на минатото, изјави Димитров.
Според Димитров, средбите на комисијата треба да бидат почести, а во врска со новинарската забелешка во што отстапуваат членовите на македонскиот дел од комисијата тој вели:
Има извесни отстапки од тоа што го постигнавме како согласност за улогата на бугарската држава, на бугарските владетели и за развојот на христијанството и словенската писменост, словенобугарската да ја наречеме писменост и култура за време на првото бугарско царство. Тука има извесна желба кај нашите колеги да го релативизираат тоа што веќе беше речено и постигнато. Донекаде дури чувствувам желба да се ревидира тоа што на некој начин се согласија околу царувањето на цар Самоил.
Comments are closed for this post.