„По 15 септември Советот на јавни обвинители е надлежен да одлучи за судбината на специјалните обвинители односно да констатира дали специјалните обвинители треба да се вратат во матичните обвинителства“, вели јавниот обвинител Љубомир Јовевски.
Во изјава за Алсат вели дека Јавното обвинителство ќе ги разгледува еден по еден предметите на СЈО за да се констатира фазата до каде стигнале постапките за нив. Очекува наскоро да ги преземат предметите од СЈО, но пред да се распределат мора да се одлучи дали специјалните обвинители ќе се вратат во обвинителствата во кои работеле пред формирањето на специјалното обвинителство.
Мандатот на специјалните обвинители истекува на 15 септември. Според законот за СЈО, по завршувањето на мандатот, обвинителите мора да се вратат во обвинителствата од каде што дошле.
Во меѓувреме се очекува Собранието да ја разреши шефицата на СЈО, Катица Јанева која се наоѓа во притвор. Неофицијално кружат информации дека по разрешувањето Советот ќе одлучи на Јанева да и се одземе и мандатот како обвинител.
Comments are closed for this post.