Министерот за надворешни работи во Владата во оставка на Косово, Беџет Пацоли денеска на маргините на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, се сретнал со новиот специјален претставник на американскиот Стејт Департмент, Метју Палмер, со кого разговарал за можностите за изнаоѓање решение за споровите со Србија.
Пацоли на својата страница на Фејсбук објави дека на американскиот дипломат му честитал за именувањето на новата позиција и му изразил уверување дека Приштина е заинтересирана за решавање на споровите со Белград по пат на дијалог.
Ние го гледаме дијалогот како значаен процес кој дава можности за затворање на темното поглавје меѓу Косово и Србија. Нормализирањето на односите со меѓусебно признавање е единствената цел, ништо помалку, така што ја цениме силната позиција на Вашингтон во овој правец, напиша Пацоли.
Тој изрази уверување дека Палмер, „како стар пријател на Косово“, и од новата позиција ќе продолжи да ја поддржува Приштина на сите нивоа.
Косово може како и секогаш да смета на САД, но и САД треба да сметаат на нас, како посвеетени и доверливи партнери, порача Пацоли.
Во Блед вчера и денеска се одржува традиционалниот Стратешки форум (БСФ), 14-ти по ред, кој годинава е посветен на стабилноста во регионот, одржливиот развој и економскиот напредок. На форумот, насловен „Извори на (не)стабилноста”, учествуваат голем број високи официјални претставници на Еропската унија, од Западен Балкан, Турција, САД и меѓународни организации.
Comments are closed for this post.