Советот на јавни обвинители денеска едногласно одлучи дека се исполнети условите за почнување на постапка за разрешување на Катица Јанева од челната функција во Специјалното јавно обвинителство.
Образложувајќи ја одлуката, претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, изјави дека во разумен рок треба да се изготви извештај, што ќе биде испратен до Собранието. На Штерјев денеска му завршува двегодишниот мандат.
Секој од членовите на Советот на јавни обвинители даде свое мислење, кое се однесува на постапувањето на Јанева, и одлучивеме едногласно дека се исполнети сите услови да се почне со постапка за разрешување на Јанева. Едногласно донесената одлука, се надевам до крајот на денот ќе биде изготвена и испратена во Собранието, изјави Штерјев.
Извештајот, според него ќе треба да преслика еден дел од исказите и како што рече, ќе содржи доволно податоци за да може Собранието да постапува.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев, во предметот „Империја”, да излезе од притвор и да добие времен пасош.
За разрешувањето на Јанева треба да гласа и Собранието, откако прво извештајот од Советот ќе биде разгледан од Комисијата за именувања.
Засега не е јасно каква ќе биде судбината на предметите на СЈО по разрешувањето на Јанева и дали ќе биде избран в.д. шеф на СЈО.
Прес-конференцијата преземена од линкот на Алсат:
Инаку, на Комисијата за европски прашања се поднесени 40 амандмани на новиот закон за Јавното обвнителство.
Comments are closed for this post.