Предлагам да се обезбеди решението за притвор на Катица Јанева, па потоа да се одлучува по предлогот на одбраната, изјави специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на денешното рочиште за предметот „Насилство во Општина Центар“.

Според Фетаи, притвор може да се определи по различни основи и смета дека е потребно најпрво да се прибави решението за притвор на Јанева и да се види што точно се штити со таа мерка, за потоа да може да се произнесе судот по барањето за правото за нивното застапување на предметите.

Претходно, одбраната на обвинетитете побара  одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со специјалната јавна обвинителка Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

Општопознато е дека Јанева се наоѓа во притвор за предметот „Рекет“, а таа застапува повеќе предмети пред овој суд. Ова значи дека судот ценел дека Јанева можела да го повтори делото за овој и другите предмети и одлучил мерка притвор, истакна адвокатот Димитар Дангов.

Тој истакна дека Јанева, според законот за СЈО, е единствен надлежен застапник на предметите на ова обвинителство. Оттука, според него, обвинителката Фетаи и обвинителот Гаврил Бубевски не го застапуваат предметот, туку ја застапуваат обвинителката Катица Јанева.

Од тие причини сметам дека понатамошното застапување ќе претставува искористување на своите службени овластувања за преземање дејствија за кои немаат право. Правото што го нема Јанева, го немаат ниту тие. Ова претставува правна пречка за одржување на главната расправа. Предлагам судот да ја одложи правната расправа, бидејќи за овој предмет не постои овластен тужител, истакна Дангов.

По изнесените ставови на одбраната и обвинителството, судијата даде пауза за да го разгледа барањето на одбраната.

Во „Насилство во Општина Центар” на СЈО обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранечната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.