Портпаролот на украинскиот претседател Зеленски штотуку изјави дека земјата е подготвена веднаш да преговара за прекин на огнот, и да почне мировни преговори со Русија.

Тој рече дека руските и украинските власти во моментов разговараат за времето и местото каде разговорите би се одржале.

Серхиј Никифоров на Фејсбук напиша:

Морам да ги демантирам изјавите дека одбивме да разговараме. Украина беше и останува подготвена да зборува за крај на борбите и за мир. Ова е нашата непроменета позиција. Се согласивме на понудата на рускиот претседател. Токму во овој момент страните се консултираат за местото и времето на одржување на преговарачкиот процес. Колку побрзо почнат разговорите, толку повеќе ќе има шанси да се врати нормалниот живот, напиша тој.

Русија соопшти дека ќе разговараат само кога украински вооружени сили ќе се предадат, а лично рускиот претседател Владимир Путин ги повика денеска да ја преземат власта во Киев во свои раце. Актуелната власт ја нарече со зборовите „банда наркомани и неонацисти“.

Во меѓувреме руското Министерство за одбрана вечерва ги претстави своите погледи или петте начини за решавање на ситуацијата во Украина.

Петте клучни точки на руското Министерство за одбрана се:

-Целта на руската операција во Украина е да се обезбеди демилитаризација и денацификација на земјата, како и да се изведе марионетскиот режим во Киев пред лицето на правдата за злосторствата што ги направил.

-Територијата на „Доњецката народна република“ и „Луганската народна република“ ќе се прошири до големината на регионите Донецк и Луганск.

-Русија нема намера да остане во Украина, ќе ги повлече војниците по завршувањето на специјалната воена операција.

-На Русија не и е потребна територијата на Украина, никој нема да ја окупира.

-Кога ќе бидат можни нови власти во Украина, и ДНР и ЛНР ќе најдат заеднички јазик за преговори со нив.

Американскиот Стејт департмент ја отфрли понудата на рускиот претседател Владимир Путин за разговори со Украина со објаснување дека тоа не е можно се додека во тек е воена окупација.