Официјалните власти во Калифорнија соопштија дека 34 лица настрадале по пожарот кој избувна на брод за нуркање во близина на брегот на јужниот дел од оваа американска сојузна држава и дека е запрена потрагата по преживеани, пренесува Гласот на Америка.
Досега се пронајдени посмртните останки на 20 жртви, 11 жени и 9 мажи, соопшти шефот на округот Санта Барбара, Бил Браун.
Тој додаде дека екипите се обидуваат да го стабилизираат бродот кој се наоѓа на длабочина од 18 метри, пред нуркачите да ги извадат телата на останатите 14 лица.
Пожарот изби на бродот „Консепшн“, кој бил усидрен во близина на островот Санта Барбара.
Пет од шесте членови на посадата успеале да побегнат во чамец, додека патниците биле заробени во потпалубата.
Властите велат дека е прерано да се зборува за причините за пожарот. Тим на инженери и стручњаци за пожари веќе се испратени да ја истражат несреќата.
На бродот биле вкупно 33 патници и шест членови на посадата, кога пожарот изби во понеделникот во 3:15 минути по локално време.
Comments are closed for this post.