Македонските граѓани кои ќе сакаат да влезат во Германија ќе мора да имаат сертификат за вакцина со две дози од призната вакцина од ЕМА/Германија со важност од девет месеци наместо досегашните 12 месеци, соопштија од Министерството за надворешни работи согласно препораките од Европската комисија.

Сертификатот за вакцинација со три дози призната вакцина од Германија засега ќе имаат неограничена важност.

Од МНР посочуваат дека патниците при влез ќе треба да ја имаат предвид важноста на нивниот сертификат со цел да не им биде одбиен влез.

-Во Шпанија, според новите правила, се прифаќаат потврдите за извршена имунизација со две дози вакцини од надлежните органи на Република Северна Македонија, доколку се поминати 14 дена од датумот на прием на втората вакцина и доколку не поминале повеќе од 270 дена од датумот на прием на втората вакцина. По истекот на рокот од 270 дена, сертификатот за имунизација издаден од надлежниот орган на земјата на потекло мора да содржи доказ за прием на трета (booster) вакцина, се наведува во соопштението.

Шпанските власти соопштуваат дека влез со PCR или NAAT тестови ќе биде дозволен само за патници кои имаат соодветна шпанска виза или дозвола за престој во Шпанија. Сертификатите за имунизација со две вакцини кои не се признаени од WHO и ЕМА ќе се прифаќаат само ако третата примена вакцина е признаена од страна WHO и ЕМА