Германската разузнавачака служба БНД со години соработува со пакистанската тајна служба ISI за да добива информации за исламистичките терористички ќелии. Бивш шеф на БНД неодамна призна дека ISI поддржува и терористички атентати против Запад.

Во интервју за телевизјата АРД бившиот шеф на федералната разузнавачка служба Герхард Шиндлер таа соработка ја квалификува како „безалтернативна“. За исполнување на разузнавачките задачи требало да отпаднат „моралните“ пречки. Бившиот шеф на пакистанската тајна служба, генерал Асад Дурани, кој е обучуван во Германија, ја опишува двојната игра на  ISI. Како шеф на службата тој бил близок партнер на германското разузнавање и воено аташе во Берлин и еден од 380-те пакистански виши офицери, кои биле обучени од Бундесверот.

Од самиот почеток, разузнавачката служба БНД била на чисто со блискоста на ISI со исламистички терористички ќелии и токму поради тоа Германија бара од Пакистан да добива информации од прва рака. БНД свесно го прифаќа ризикот да соработува со „кумовите“ на теророт. Шиндлер, кој бил шеф на БНД од 2012 до 2016 година соработката ја објаснува на следниот начин:„ISI е еден огромен апарат и не секогаш беше јасно кој точно оддел соработува со нас и кој работи против нас, дали ги поддржува талибанците или Ал каеда“.

Асад Дурани задоволно се насмевнува. „Ако си добар играч, играш двојна или тројна игра. Ако играш двојна игра, барем добро играј ја“, вели тој. Истражувањата на телевизијата АРД откриваат како ISI ја поддржувала пакистанската терористичка група Лашкар-е Тајба, која е одговорна за мноштво атентати, меѓу кои и врз германските војници во Авганистан.

Обучени и вооружени од Бундесверот

Наспроти тоа, Западот, според своите сили, продолжува да соработува со ISI, да ги обучува и вооружува пакистанските партнери. Документарниот филм на АРД „Трагите на тероризмот“ покажува дека колку исламистите стануваат посилни, толку повеќе Американците, Британците и Германците инвестираат во пакистанските партнери во борбата против тероризмот. ISI го разработил бизнис-моделот „тероризам“ и го довел до совршенство. За тоа задоволно и отворено говорат бившите шефови на тајните служби Ернст Урлау и Мајкл Хејден.

Американскиот генерал Хејден беше шеф на АНС и во интервјуто звучи самокритично. „Пакистан беше сојузник, но сатански сојузник“, вели тој за времето кога бил шеф на тајните служби.

Тоа е еден валкан бизнис

Пакт со ѓаволот? Германската влада е воздржана во однос на официјалните оценки за партнерите од ISI во борбата против тероризмот. „Никогаш не можеш да бидеш сигурен“, вели специјалниот полномошник за Авганистан и Пакистан во федералната влада, Маркус Потцел.

Бившиот координатор на тајните служби во британската влада Ричард Кемп е покатегоричен. „Тоа е еден мошне валкан бизнис. САД, Велика Британија, Германија и ЕУ исплатија огромни суми пари, што во крајна линија беа искористени за атентати против нас“, вели тој.

Значи ли тоа дека тајните служби свесно го прифаќаат ризикот од финансирање на терористички напади за да добијат информации и да си обезбедат луѓе за врски? Бившиот шеф на БНД, Ернст Урлау вели дека Германија зависела од партнерството со пакистанската тајна служба. „Без ISI на времето не можеше ништо да се направи. Сите учесници беа на чисто дека станува збор за заткулисна игра“, рече тој.

Каде е тогаш црвената линија? Има ли некаква гаранција од соработката? Бившиот шеф на БНД, Шиндлер, објаснува дека во светот на тајните служби нема само добри и лоши. И во интервјуто за АРД дополнува:„Тоа е таков бизнис во кој човек треба малку да ги потисне моралните норми за да може да ја изврши задачата“.