Украинскиот парламент усвои закон со кој украинскиот јазик е единствениот официјален јазик во државата. Законот беше поддржан од 278 пратеници, а како што се наведува, за неговото усвојување било неопходно најмалку 226 гласови.

Според одредбите, сите граѓани отсега ќе мораат да користат украински јазик во сите сфери од нивното живеење, а спроведувањето ќе го надгледува „инспектор за јазик“, кој ќе биде присутен на седниците на сите државни органи, ќе бара документи од јавни организации и политички партии, со можност да изрекува парични казни.

Нацртот на овој закон предизвика бура во јавноста во Украина и странство. Комесарот на Советот на Европа за човекови права Дуња Мијатовиќ своевремено побара претставниците на националните малцинства да бидат вклучени во неговата подготовка.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјавил дека Русија е загрижена заради кршењето на јазичните и образовни права на националните малцинства и дека Москва по тој повод испратила писмо до Европската комисија, Советот на Европа, ОБСЕ и НАТО.