Турските сили ќе влезат во сирискиот град Манбиџ, доколку САД не обезбедат повлекување на Силите за заштита на народот на сириските Курди од овој регион, изјави во Истанбул турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Претседателот додаде дека Анкара е решена да обезбеди мир во областа источно од реката Еуфрат во Сирија.

Ваквата изјава на Ердоган доаѓа поради тоа што Анкара и Вашингтон имаат несогласување во врска со позицијата на Силите за заштита на народот.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 1984 година води вооружена борба за автономија на Курдите во Турција. ПКК се наоѓа на листата на терорстички организации на Турција, САД и ЕУ.

Од друга страна, САД во Силите за заштита на народот гледаат важен партнер во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Турција и САД претходно годинава постигнаа договор за Манбиџ по неколкумесечните несогласувања, кој предвидува Силите за заштита на народот да се повлечат целосно од градот.