Тројца загинати и најмалку двајца други ранети е билансот на пукањето што се случи пред еден дистрибутивен центар за лекови во округот Харфорд во Мериленд. Осомничена за оружениот напад е жена, којашто била совладана и уапсена од полициските сили.

Онцидентот се случил во еден бизнис комплекс каде што се сместени повеќе фирми што се наоѓа во малото гратче Периман, североисточно од Балтимор. Според информациите, во дистрибутивниот центар, пред кој се случило пукањето, вработени се околу илјада луѓе.

Овој инцидент доаѓа речиси точно една година по друго масовно пукање што се случи во овој округ. Во октомври 2017 година, во Еџевуд, на само дванаесетина километри од Периман, 37-годишен човек смртно застрела тројца свои колеги во локална работилница за гранит.