Претставниците на Демократската партија, првпат по подолго време се појавија задоволни по средба со американскиот претседател, Доналд Трамп во Белата куќа, откако беше постигнат договор за инвестиции во инфраструктурата на САД во вредност од два трилиони долари.

Демократите претставени од спикерката на Претставичкиот дом, Ненси Пелоси и лидерот на малцинската група во Сенатот, Чак Шумер, изјавија дека е постигната согласност за финансирање на два трилиони долари во инфраструктурни проекти. Средствата ќе бидат наменети за поправки на патишта и мостови, како и модернизација на енергетската мрежа и широкопојасната интернет покриеност.

Изградбата на инфраструктурата во Америка никогаш не била партиско прашање. Се надеваме дека ќе правиме прогрес и во иднина на надпартиски начин – изјави Пелоси.

Шумер изјави дека инфраструктурата е од клучно значење за иднината на Америка и дека создава работни места ја оддржува економијата на САД конкурента.

Белата куќа оцени дека средбата била „одлична и продуктивна за обнова на националната инфраструктура“.

Предвидена е повторна средба со претседателот за три недели за да се прецизира како ќе се финансираат инфраструктурните проекти.

Претседателот се радува за заедничката работа и за придобивките од ова за американскиот народ – изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.