Новоизбраните претседател и потпретседателка на САД, Џо Бајден и Камала Харис, претставија уште еден дел од тимот кој ќе го назначат на водечките функции во Белата куќа. Тие го објавија тимот за комуникации кој за првпат во историјата е целосно составен од жени.

За секретарка за медиуми односно портпаролка тие ја најавија Џен Псаки. Таа во моментот е советник во тимот за транзиција на власта, а во мандатот на Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател, Псаки беше портпаролка на Стејт департментот.

Карин Жан-Пјер ќе биде првата заменик-портпаролка на Белата куќа, а досега беше висок советник во кампањата на Бајден.

Новоизбраните претседател и потпретседателка најавија и дека Кејт Бедингфилд ќе биде назначена за директорка за комуникации во Белата куќа. Таа беше заменик-директорка на кампањата на демократите, но, исто така, и директорка за комуникации во главниот штаб. Нејзината функција – шеф за комуникации во Белата куќа значи дека ќе ја контролира целата политика на јавна комуникација на американската администрација.

Ешли Ејтен, поранешна висока советничка на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, ќе биде директорка за комуникации на идната потпретседателка Камала Харис. Портпаролка на Харис, пак, ќе биде Симон Сандерс, висока советничка во предизборната кампања на демократите.

Директорка за комуникации на првата дама, Џил Бајден, според најавата, треба да биде Елизабет Александер која беше портпаролка и секретарка за медиуми на Џо Бајден додека тој беше потпретседател на САД, во мандатите на Барак Обама.

President-elect Biden and Vice President-elect Harris today announced new members of the White House staff who will…

Posted by Biden-Harris Presidential Transition on Sunday, November 29, 2020