Француското министерство за надворешни работи се закани дека ќе покрене правна постапка против поранешниот советник за безбедност на францускот претседател Емануел Макрон заради наводите дека користел дипломатски пасош и покрај тоа што е отпуштен затоа што претепа демонстрант.

Александар Бенал од инцидентот како тепа демонстрант

Ова е последно во низата на скандали поврзани со Александар Бенал, наведува агенцијата Асошиејтед Прес, додавајќи дека неговата поврзаност со Макрон му наштетила на францускиот претседател.

„Монд“ оваа недела објави дека Бенал неодамна патувал во Чад и Камерун на „состанок на високо ниво“, а истражувачкиот сајт „Медиапарт“ наведува дека за таа прилика користел дипломатски пасош.

Од претседателската палата порачуваат дека Бенал повеќе нема никаква поврзаност со канцеларијата на Макрон.

Портпаролката на француското министерство за надворешни работи Агнес фон дер Мил соопшти дека министерството во јули побарало од Бенал да ги врати своите два дипломатски пасоши, но тој тоа не го направил.

Како што наведе, министерството во моментов разгледува „преземање на следните чекори“, меѓу кои е и правна постапка.