Смртта на мароканската манекенка Имане Фадил која била редовен гостин на приватните забави организирани од поранешниот италијански премиер, Силвио Берлускони, е предмет на истрага како можно убиство, изјавиле судски извори, а пренесе Би-би-си.

Имане Фадил (33) почина на 1 март во болница во Милано, еден месец откако беше примена со болки во стомакот. Таа тврдеше дека е отруена. Италијанските медиуми објавија дека таа можеби била отруена со радиоактивна супстанца.

Фадил беше клучен сведок против Берлускони (82), кој првично беше осуден, но пресудата падна на Апелационен суд. Тој подоцна беше осуден за даночна измама, но поради возраста помина со општествено корисна работа.

„Секогаш е жално кога ќе почине млада личност. Јас никогаш не сум ја познавал, ниту сум зборувал со неа. Сите нејзини изјави за мене се измислени, апсурдни“, изјави Берлускони за смртта на Фадил
Италијанските медиуми, исто така, објавија дека Фадил, редовна гостинка на секс забавите на Берлускони, познати во италијанската јавност како „Бунга Бунга“ забави, пишува книга за нејзините искуства и дека обвинителството што ја истражува нејзината смрт има копија од она што го имала напишано.