Неколку магистрали во Франција одново осамнаа блокирани од „жолтите елеци“. Во Париз, Бордо, Тулуз, Нант и Лион се објавени протести. Организирани преку социјалните мрежи демонстрантите против владата подготвуваат ненајавени акции. Некои предлагаат митинзи пред објектите на телевизиите за да извршат притисок врз медиумите, а други се обиделе да навлезат во летната претседателска палата на француската ривиера.

Протестната програма на „жолтите елеци“ во Франција ќе остане жива и по Нова година. На новогодишната ноќ тие планираат да се соберат на Шанзелизе. „Животот ни е празник, затоа нема да не уништите“-гласи називот на протестот за кој веќе изразиле поддршка 60.000 лица.

„Весел празник, Макрон“ е мотото на демонстрантите во Тулуз, кои тврдат дека мерките објавени од страна на францускиот претседател не ги исполнуваат нивните очекувања.

Силите на редот ќе бидат максимално мобилизирани за да ги спречат евентуалните немири и истовремено да ги обезбедуваат и протестите и најавените прослави.