Дебатата за процесот на донесување одлуки на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во однос на правото на глас на делегациите, ќе биде една од главните теми на летната сесија на паневропската асамблеја, која започнува денеска и ќе трае до 28-ми јуни, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Со ова промена во деловникот на ПССЕ, ако биде усвоена ќе и се овозможи на руската парламентарна делегација да се врати во Стразбур и со тоа да се стави крај на кризата со Руската федерација, која ризикуваше исклучување од Советот на Европа, поради неплатената членарина.

Ова прашање ја стави во сенка свеченоста за 70-тата годишнина од Советот на Европа, која е предвидена денеска.

ПССЕ за време на сесијата ќе го избере и генералниот секретар на Организацијата, кој ќе го наследи Торбјорн Јагланд. Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа треба да изберат меѓу Марија Пејчиновиќ Буриќ, актуелна заменик премиер и министер за надворешни работи на Хрватска и Дидие Рејндерс, исто така заменик премиер и министер за надворешни работи на Белгија.

Пред ПССЕ, ќе се обрати и француската државна секретарка за европски прашања Амели де Монтшалин, чија земја претседава со Комитетот на министрите на Советот на Европа. На летната сесија еден од поистакнатите гости е Марсело Ребело де Соса, претседател на Португалија.

Меѓу точките на дневниот ред се дебатата за атентатот на Дафне Гаруана Галиција и владеењето на правото во Малта, заедничка дебата за ставање крај на насилството врз жените и достигнувања во областа на родовата еднаквост; ставањето крај на насилството врз децата, со интервенција на Мод де Бур-Букиккио, специјален известувач на Обединетите нации за продажба и сексуална експлоатација на децата, како и извештајот за ставање крај на принудните мерки за менталното здравје.

Собранието, исто така, ќе расправа околу ситуацијата во Сирија, мониторинг дијалогот со Бугарија, убиството на Борис Немцов, мерките за враќање на мигрантите и азилантите од страна на земјите-членки, како и буџетот на Советот на Европа и ПССЕ.

На пленарната сесија на ПССЕ ќе се најде и извештајот на ПССЕ за следењето на претседателските избори во Македонија, додека на комисијата за мониторинг ќе биде претставена нацрт верзијата на извештајот за следењето на обврските на нашата земја преземени со членството во Советот на Европа.

Во Стразбур се уште не е потврдено присуството на комплетната македонска собраниска делегација, со оглед како што ни беше речено гласањето на доверба на новата македонска влада.