Словачката влада го забрани патувањето во странство за време на празниците во наредните месеци за да ја забави пандемијата на корона вирусот, објави во средата телевизијата ТА3.

Владата изјави дека патувањето ќе биде дозволено за работа и други не-туристички цели, а забраната е продолжување на мерките за ограничување на движењето во земјата, според кои луѓето не можат да ја напуштат својата област без валидна причина, пренесува Хина.

Регулативата беше усвоена поради страв од ширење на опасните странски мутации на вирусот. Забраната за патување во странство предизвикува болни сеќавања на затворените граници за време на комунизмот во земји како Словачка.

Централноевропската земја членка на Европската унија, со 5,5 милиони жители, е најтешко погодена во последните неколку недели, со близу 4.000 хоспитализирани и околу 100 мртви на ден.
Министерството за здравство во вторникот објави дека вкупниот број на потврдени и сомнителни смртни случаи предизвикани од КОВИД-19 е повеќе од 10.000.