Русија во следните две недели на Сирија ќе и предаде современ противвоздушен систем С-300, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Системот е способен да пресретне средста за воздушен напад во круг поголем од 250 километри и истовремено да погоди неколку воздушни мети.

Шојгу додаде дека Русија е приморана да преземе активни мерки за подобрување на безбедноста на руските војници во Сирија, алудирајќи на соборувањето на рускиот авион Иљушин 20 во Сирија, за што Москва ги обвини израелските военовоздухопловни сили.

Рускиот министер потенцира дека Русија во 2013 година на барање на Израел ја стопира испораката на системите С-300 во Сирија.

Денес ситуацијата е сменета. И тоа не по наша вина, наведе Шојгу.

Тој го повтори ставот на Москва дека за соборувањето на рускиот авион во Сирија, при што загинаа 15 војници, виновни се израелските воени авиони.

Израелските екипажи, совршено знаејќи ја ситуацијата во воздухот, се криеја зад руските авиони, што доведе до соборување и загуба на 15 наши војници. Ова не принуди како одговор да преземеме адекватни мерки со цел да се зголеми безбедноста на руските војници кои извршуваат задачи во борбата против меѓународниот тероризам во Сирија, потенцира Шојгу.

Министерот информира и дека неговата земја ќе и испорача на Сирија и современи автоматизирани системи за контрола на командните пунктови на противвоздушната одбрана.

Тоа ќе овозможи централизирано управување на сите сили и средства на протививздушната одбрана во Сирија… Најважно е што ќе биде гарантирана идентификацијата на сите руски авиони од страна на сириските стредства за противвоздушна одбрана, посочи Шојгу.

Во меѓувреме и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека доставата на руски ракетни комплекси С-300 е со цел да се зголеми безбедноста на руските војници во Сирија.

Тој одговарајќи на прашањето за односите со Израел, посочи дека „одлуката не е насочена кон ниту една трета земја“.