Во текот на 2017 година 821 милион луѓе се наоѓале во состојба на хроничен недостаток на храна, се наведува во годишниот извештај на Обединетите Нации за состојбата на прехранбената безбедност и исхраната во светот. Таа бројка означува дека минатата година бројот на гладни во светот се зголемил за 2,1 процент во однос на 2016 година, кога таков статус имале 804 милиони луѓе.

Овие бројки ја потврдуваат тенденцијата за пораст на бројот на хронично гладни луѓе во светот почната од 2015 година со што нивото на луѓе без пристап до основни прехранбени производи се вратило на тоа од пред 10 години.

Ситуацијата особено се влошува во Јужна Америка и во поголемиот дел од Африка, но има и значително успорување на трендот за намалување на неухранетоста што до скоро беше карактеристичен за Азија – се наведува во извештајот.

Во публикацијата на ОН се предупредува дека доколку не се удвојат напорите во борбата против гладот во светот, се ризикува целосно да пропаднат целите на Светската организација да се искорени гладот до 2030 година. Тоа е една од најважните цели на ОН за одржлив развој во светот.

Непостојаноста на климата и климатските екстреми се пресудни фактори за зголемувањето на гладот во светот и една од главните причини за сериозната прехранбена криза во светот – пишува во извештајот.

Во документот се додава и дека се поголем број елементи укажуваат на тоа дека климатските промени имаат се поголемо влијание на земјоделството и безбедноста на храната.

Извештајот го составија пет агенции на ОН, меѓу кои и Организацијата на ОН за храна и земјоделство, Меѓународниот Фонд за земјоделски развој, Детскиот фонд на ОН, Светската програма за храна и Светската здравствена организација.