Соединетите Американски Држави вчера ги бомбардираа позициите на проиранските милиции на североистокот на Сирија, убивајќи 17 лица во првата воена операција на администрацијата на Џо Бајден, како одговор на неодамнешните напади врз западните интереси во Ирак.

Портпаролот на американското министерство за одбрана Џон Кирби ги потврди воздушните напади врз инфраструктурата сместена на граничниот премин кој го користела проиранската милиција Катаеб Хезболах.

Според првичните информации на Сириската опсерваторија за човекови права, уништени се три камиони полни со муниција кои пристигнувале од Ирак на нелегалниот граничен премин јужно од сирискиот град Букамала.