Претседателот на Русија Владимир Путин го потпиша денес декретот со кој Русија и официјално го суспендира Договорот за нуклеарни сили од краток и среден дострел (ИНФ) со Соединетите Американски Држави.

Руската телевизија пренесе и дека Вашингтон и формално ќе биде информиран за тоа.

Путин, како што се неведува во декретот, наредил договорот да биде суспендиран сѐ додека Вашингтон не престане да го крши и му кажал на министерството за надворешни работи да ги информира потписниците за одлуката на Русија да го суспендира ИНФ.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео објави во петокот дека САД од тој ден ја сопираат примената на ИНФ.

Помпео тогаш порача дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од историскиот договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не престане со кршење на договорот за контрола на вооружувањето и не ги уништи сите проектили кои договорот ги забранува.

Договорот потпишан во 1987 година им забранува на САД и Русија развивање ракети со дострел од 500 до 5.500 километри.