Хилари Клинтон нема да се кандидира на изборите за американски претседател во 2020 година, но вети дека нема да се повлече од политичкиот живот.

Во интервју за њујоршката телевизија Њуз12, поранешната државна секретарка, сенатор и прва дама исклучи веројатност да учествува во предизборна кампања. Клинтон беше поразена од Доналд Трамп на претседателските избори во 2016 година.

Ќе продолжам да работам, да зборувам, и да укажувам во тоа што верувам. Она што е опасност во нашата држава се нешта што се случуваат сега, и тоа силно ме вознемирува, изјави таа.

Клинтон рече дека разговарала со некои од кандидатите за претседателска номинација на Демократската партија и им рекла: – Не прифаќајте ништо дека е гарантирано, независно што имаме долг список од реални проблеми и неисполнети ветувања од владата на Трамп.

Таа нагласи дека се радува на работата како писател, активист и баба, но не кажа кој кандидат би поддржала од Демократската партија за претседател