Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска распиша вонредни избори за 28. април откако парламентот не го усвои предложениот буџет.

Санчез датумот за одржување на изборите го соопшти по состанокот на владата.

Изборите, трети за помалку од четири години, се нов знак за поделеноста на политичката сцена на која главна тема е независноста на Каталонија.

Санчез, веќе е под притисок во сопствената Социјалистичка партија. Неделава тој ја изгуби и онака малата поддршка во парламентот бидејќи пратениците на каталонските сепаратистички партии, кои му овозможија негов избор за премиер во малцинската влада, со опозицијата гласаа против предлогот на буџетот за 2019 година.