Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, ќе имаат краток состанок на 11 ноември, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Средбата на двајцата претседатела ќе се одржи на маргините на свеченоста во Париз по повод 100-годишнината од примирјето со кое е завршена Првата светска војна,

Песков соопшти дека промената на форматот на состанокот не е поврзана со какви било несогласувања или други проблеми во билатералните односи.

Во овој случај причина не се несогласувањата, туку тоа е поради форматот на мултилатераните настани посветени на 100- годишнината од крајот на Првата светска војна. Тој формат не дозволува двајца претседатели да се сретнат во целосен формат. Поради тоа е одлучено да имаат кратка средба и да се договорат кога ќе одржат комплетен состанок – изјави Песков.

Трамп претходно изјави дека „најверојатно нема“ да се сретне со рускиот претседател Путин на маргините на одбележувањето на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна во Париз. Тој рече дека со Путин ќе се сретне на Самитот на Г-20 во Аргентина, што ќе се одржи од 30 ноември до 1 декември.

Ќе се сретнеме на Г-20 и најверојатно ќе имаме состанок по тоа. Не сум сигурен дека ќе имаме средба во Париз. Најверојатно не – изјави Трамп во американската воена база Ендрјуз.

Трамп и Путин последен пат се сретнаа на 16 јули во финскиот главен град Хелсинки.