Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е најдоброто место за евентуална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Следниот пат, ако некој навистина сака да се сретне со нас, ние сме подготвени. Најдоброто место за тоа е главниот град на Руската Федерација, херојскиот град Москва, рече Путин на пленарната сесија на Источниот економски форум во Владивосток.
Тој потсети дека Киев до неодамна ги исклучуваше можностите за директен контакт со Русија, а сега бара и предлага такви средби. Путин нагласи дека Русија е подготвена да гарантира целосна безбедност за Зеленски и претставниците на Киев доколку решат да дојдат во Москва за разговори посветени на Украина.
– Украинската страна ја сака оваа средба и ја предлага. Јас реков: ‘Подготвени сме, ве молиме, дојдете. Ние целосно ќе обезбедиме услови за работа и безбедност. Гарантираме 100 проценти’, истакна Путин пред делегатите на форумот.
Рускиот лидер ги оцени барањата на Киев за средба меѓу него и Зеленски во Киев како прекумерни. – Во моментов е практично невозможно да се постигнат договори со Зеленски за клучни прашања, рече тој. – Многупати сум кажал дека сум подготвен за контакти со Зеленски, но не гледам голема смисла. Зошто? Бидејќи ќе биде практично невозможно да се постигне договор со украинската страна за клучни прашања. Дури и ако има политичка волја – во што се сомневам – постојат правни и технички тешкотии, оценува рускиот лидер.
Путин објасни дека според украинскиот Устав, сите договори за териториите мора да бидат потврдени на референдум. Тој ја допре и темата за гаранциите за безбедност за Украина по стапувањето во сила на мировен договор, нагласувајќи дека таквите гаранции мора да бидат развиени и за Русија и за Украина, и дека Москва ќе ги почитува.
Тој предупреди дека доколку војници на НАТО се појават во Украина, тие ќе станат легитимна цел за руската армија.
Путин додаде дека сè уште не разговарал телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп по вчерашната видеоконференциска средба на „Коалицијата на подготвените“. – Засега не сме имале телефонски разговор со Трамп за резултатите од овие консултации во Европа, рече тој, истакнувајќи дека нема проблеми во комуникацијата меѓу нив. Путин објасни дека организирањето разговор било комплицирано поради неговото неодамнешно патување во Кина, каде учествуваше на Самитот на Шангајската организација за соработка и присуствуваше на воена парада по повод 80-годишнината од крајот на Втората световна војна
Comments are closed for this post.