Посетителите на замокот на Дракула отсега можат да добијат вакцина против Ковид-19 откако на локалитетот во Трансилванија е поставен пунк за вакцинација, пренесува BBC.
За време на секој викенд во мај, секој може да се појави без закажан термин за да добие вакцина, а исто така ќе добие и бесплатен влез на изложбата на замокот со 52 средновековни инструменти за мачење.
Медицински сестри со стикери на своите униформи на кои се прикажани заби, ќе ги пречекуваат посетителите нудејќи ја вакцината Фајзер. Тоа е дел од владината намера да охрабри повеќе Романци да примат вакцина.
Романија регистрираше нешто повеќе од милион инфекции од почетокот на пандемијата и скоро 29.000 смртни случаи.
Тамошната влада соопшти дека сака да вакцинира 10 милиони луѓе до септември, но скоро половина од Романците велат дека не сакаат да примат вакцина, со што влегуваат меѓу најколебливите во Европа, според истражувањето на „Глобесек“.
Од замокот Бран се надеваат дека нивната иницијатива ќе помогне во зголемувањето на бројот на вакцинации. Исто така, веруваат дека на овој начин ќе привлечат повеќе луѓе во замокот во Карпатските планини во Романија, каде што бројот на туристи опадна за време на пандемијата.
Некои веруваат дека замокот бил инспирација за култниот роман „Дракула“ на Брам Стокер.
Тој се издига од шумите во подножјето на Карпатите, на 170 км северно од Букурешт. Се поврзува со грофот Дракула од романот на Стокер, затоа што се смета дека негов домаќин бил озлогласениот принц Влад Цепеш, врз кој се темели ликот на Дракула.
Comments are closed for this post.