Досегашниот и новоизбраниот претседател на Украина, Петро Порошенко и Володимир Зеленски, во одделни изјави ја нарекоа Русија окупаторска сила во источна Украина, откако Москва почна постапка за поедноставување на процедурата за добивање руски пасоши.
Претседателот во заминување, Порошенко, изјави дека со својата намера, Кремљ го крши меѓународното право, додека новоизбраниот шеф на државата, Зеленски, ја обвини Русија за војна против Украина.
Претходно во текот на денот, рускиот претседател, Владимир Путин, потпиша декрет за забрзано решавање на барањата за руско државјанство на Украинци, коишто живеат во источните региони на Украина Доњецк и Луганск.
Во декретот објавен на интернет-страницата на Кремљ, се вели дека на луѓето кои живеат во делови од Украина, односно регионите Доњецк и Луганск, барањата ќе им бидат разгледани за помалку од три месеци.
Путин изјави оти е неприфатливо жителите на украинските региони Доњецк и Луганск да немаат права, но и додаде дека Москва не сака да му создава проблеми на новото украинско раководство.
Comments are closed for this post.